Одбележан Светскиот ден без автомобили
На работа без автомобил - мудар избор
Светскиот ден без автомобили годинава скопјани и скопјанки го одбележаа еден ден порано. Настанот беше организиран од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање и ГО “Проактива”, кои на 21 септември јавно и масовно ги поддржаа алтернативните и еколошки превозни средства. Водени од меѓународното мото за 2005 година, кое гласи: “На работа, без автомобил - мудар избор!” присутните ја поддржаа светската иницијатива за почиста и поздрава животна средина.
Колоната ја предводеа министерот за животна средина и просторно планирање, Зоран Шапуриќ, и министерот за одбрана, Јован Манасиевски, кои со велосипеди тргнаа по зацртаната маршута, а кампањата беше поддржана и од членови на дипломатскиот кор, пратеници во Парламентот, членови на Владата на Р. Македонија, велосипетската единица на МВР, активисти и искрени граѓани .
Иако времето беше врнежливо, граѓаните кои со велосипеди, ролерки или пеш го поддржаа Светскиот ден без автомобили, покажаа волја на Скопје да му подарат барем два часа здивнување од сообраќајниот метеж. Со желба да се намали аерозагадувањето во Скопје, барем еден ден во годината, но и да им ја олеснат маршрутата на присутните граѓани, организаторите ја затворија улицата “Димитрие Чуповски” цели два часа.
“Еден автомобил помалку”, беше мотото на активистите на ГО Проактива, кои неколку години работат на промоција на алтернативните начини на превоз. Во рамките на нивните активности насочени кон одржливиот транспорт, тие досега имаат реализирано повеќе активности и кампањи, меѓу кои: “Интегрален пристап за решавање на сообраќајните проблеми од одржлив аспецт”, “Користете јавен превоз, за велосипед повеќе”, “Вистински избор, без оловен бензин” и други.
Алтернативниот марш, кој беше организиран во рамките на оваа кампања, започна во 11 часот од кај фонтаната во Градскиот парк, и се одвиваше с$ до плоштадот “Пела”, каде организаторите ги почестија присутните со музички хепенинг. Пред започнувањето на сообраќајниот метеж во 15 часот, барем два часа улиците во центарот на градот каде што се одвиваше маршот живееја во духот на весела пешачка зона. А, потоа... За жал, с$ течеше по старо!
А.Т. |