ФИООМ

Месец на отвореното општество
 

Годинава, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) одбележува 15 години од своето основање и работење. Својот јубилеј ФИООМ ќе го прослави работно, со организирање низа настани во текот на „месецот на отвореното општество”, ноември 2007 година.

Во Мултимедијалниот центар „Мала станица”, од 6 до 12 ноември ќе биде отворена изложбата на војнички писма од Големата војна 1914-1818, „Отпретани сведоштва”. На 7 ноември на Скопскиот саем (12 ч.) ќе биде промовирана книгата „Балонот на американската надмоќност” од Џорџ Сорос, а наредниот ден, 8 ноември, во 11 часот во хотелот „Холидеј ин” ќе започне дебатата „Другото лице на историјата”, по повод книгите „Откако војната заврши” од Марк Мазовер и „Децата на Птицата-божица” од Кита Сапурма и Пандора Петковска. Во петок, 9 ноември, во Детскиот театарски центар во Старата скопска чаршија, под наслов „Младите и отвореното општество”, ќе се одржи изложба на младински акции, дебата за младинскиот активизам и промоција на Именикот на македонските граѓани кои студирале во странство со поддршка од ФИООМ и ИОО, проследена со трибина за одливот на умови. На 13 ноември во Детскиот театарски центар ќе биде промовирана кампањата „Под исто сонце”, а наредниот ден на Филозофскиот факултет ќе се одржи промоција на едицијата од четири хрестоматии под заедничко име „Теории на другоста”.

На 15 ноември во „Мала станица” ќе се отвори изложбата на фотографии „Живот – Алл инцлусиве” на хрватскиот фотограф Дамир Фабијаниќ, а на 17 ноември на Скопскиот саем  (11 ч.) ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето „Колку е инклузивно македонското општество”. На 26 ноември во 12 часот во „Холидеј ин” ќе биде презентиран извештај за примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Месецот на отвореното општество на ФИООМ завршува на 29 ноември, со конференцијата „Инклузивна е-власт”, во „Холидеј ин”.

М.И.