Една година работа на “Граѓанско-советодавните центри”

ХДЗ Месечина посочи на кршење на човековите права 
 

На 14 јуни, Хуманитарното и добротворно здружение на Ромите “Месечина” од Гостивар, каде што се наоѓаат главната канцеларија и координаторот на програмата “Граѓанско-советодавни центри”, одржа прес-конференција за  да ја информира јавноста за целите, задачите и резултатите од едногодишната работа на Програмата посветена на проблемите и остварувањето на човековите права, посебно кај маргинализираните групи. Програмата се одвива на повеќе од 95% од територијата на  Македонија, а советодавните центри се наоѓаат во Скопје, Делчево, Штип, Прилеп, Куманово и Гостивар.

Мухамед Точи од ХДЗР “Месечина”, координатор на “Граѓанско-советодавните центри”, презентира неколку случаи поврзани со правата на Ромите, регистрирани во советодавните центри: “Во врска со неразјаснетиот случај со смртта на малолетничката од ромска националност во Битола, неофицијално, разбравме дека поради одредени притисоци нејзините родители се плашат да поведат обвинение. Во Битола, заради кражба на бакарна жица, приведени се Роми кои се тепани во полициската станица, а по откривањето на вистинските сторители, освен усно извинување, нема други правни последици. Околу уривањето, пак, на ромската населба Рамнина во Велес, сме во преговори со државата. Овие и слични случаи ќе бидат проследени до стручната комисија којашто е составена од правни експерти од Македонија, а за најтешките од нив ќе бидат покренати обвиненија пред судските органи”.

“Граѓанско-советодавните центри” работат со поддршка на МЦМС и ФИООМ.                                        

Д.М.