q&a
Новиот Закон за девизно работење и како се одразува врз работата на НВО?

Прашањата кои измени носи новиот Закон за девизно работење и како тоа се одразува врз работата на невладините организации се од голем интерес за НВО од Македонија, а одговорите ни ги дава Александар Бужаровски, раководител на Административно-финансиското одделение на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

“Пред да почнеме со новините што треба да ги носи новиот Закон за надворешно трговско работење и новиот Закон за девизно работење, треба да споменеме дека тие требаше да ја променат состојбата воведена со стариот закон за надворешно трговско работење и стариот закон за девизно работење. Овие рестриктивно влијаеја врз работата на невладините организации. Рестриктивноста на стариот девизен закон се гледаше во неможноста за чување на донациите добиени од странство, односно во странски платежни средства, да се чуваат на тековна сметка на организацијата подолго од законски определениот рок, односно четири дена. Исто така, согласно стариот закон за девизно работење, за секое надворешно трговско работење беше потребна дозвола од Министерството за економија, што придонесе до зголемено администрирање и проблеми на невладините организации, со зголемувањето на трошоците за таа постапка, односно плаќање административни такси за добивање на соодветните одобренија од Министерството за економија. Новиот закон требаше да ја надмине таа состојба и да придонесе кон намалување на притисокот и рестриктивноста кон невладините организации.
Во 2001 година се донесе новиот Закон за девизно работење, кој може да се најде во Службениот весник на Република Македонија бр.34 од 2001 година, со соодветните измени кои се наоѓаат во службените весници бр. 49 од 2001 г., бр. 103 од 2001 г. и бр. 54 од 2002 година. Во предметот на овој закон се регулираат тековните и капиталните трансакции и либерализацијата на плаќањата и трансферите помеѓу резидентни и нерезидентни. Во понатамошниот тек Законот за девизно работење ги разработува поимите резиденти и нерезиденти. И тоа што е битно за невладините организации е дека во поимот резиденти се вклучени и самите невладини организации. Како резиденти се дефинираат трговските друштва, трговците поединци, што е битно за невладините организации, освен нивните подружници во странство. Прв пат, со овој закон, во овој член доаѓа до изедначување меѓу невладините организации и другите учесници, како што се трговските друштва. Понатамошната придобивка на овој закон може да ја видиме во точката 2.1, односно член 3, каде што се вели дека трансакциите меѓу резидентите и нерезидентите се слободни, освен ако со овој закон не е утврдено поинаку. Тоа значи дека сите трансакции, сите плаќања во странство од страна на резиденти во Република Македонија се слободни, односно не постои никакво ограничување за нив. Овој член наоѓа во мала колизија со членот 3 од Законот за надворешно трговско работење, според кој член стриктно се нагласува дека надворешен трговски промет и стопански дејности во странство можат да вршат трговски друштва и други правни лица кои вршат трговска дејност, а тоа право го добиваат со упис во трговскиот регистар. Во почетокот повикувањето на членот 3 и членот 4 на Законот за надворешно трговско работење придонесе до мала конфузија што се јави во деловните банки, при што се сметаше дека невладините организации се изземени од надворешниот трговски промет и се бараше дополнително појаснување од Народната банка на Македонија, кое, за жал, до ден-денеска не е добиено. Целокупниот надворешен трговски промет се изведува врз основа на согласност и одредбите на Законот за девизно работење кој вели дека резидентите и нерезидентите можат слободно да извршат еднострани трансфери на средства од и во Република Македонија, освен ако со овој Закон не е поинаку утврдено. Тековните трансакции меѓу резидентите и нерезидентите се слободни.
НВО со новиот закон за девизно работење добија можност своите донации добиени во странски средства на плаќање да ги држат на девизна сметка во секоја деловна банка во Република Македонија и доколку не се задоволни од услугите на таа банка, тие можат да го префрлат во која било друга банка. Исто така, преку овој закон невладините организации можат да ја искористат можноста своите девизи да ги претворат во денари тогаш кога имаат потреба, или согласно договорите со странските донатори. Овој закон стапи во сила на 15 октомври 2002 година. Една од одлуките што влијае врз Законот за девизно работење секако претставува и одлуката за начинот на вршење на платниот промет во странство. Во таа одлука се наведува начинот како секој резидент или имател на девизни средства на својата сметка може да го изврши плаќањето во странство и како може да обезбеди денари за вршење на платниот промет во земјата. Можат да се отворат неколку девизни сметки во сите банки овластени за платен промет во странство и доколку не им одговара купопродажниот курс, своите парични средства, без ограничувања, можат да ги префрлат и да ги продадат на берзата на друга банка.
Новиот Закон за девизно работење е многу рестриктивен кон платниот промет во земјата којшто би се извршувал во странски ефективни парични средства. Тој е возможен само под одредени услови наведени во посебната одлука под кои услови тоа може да се случи. Невладините организации во рамките на својата дејност и договорите со своите донатори можат да извршат плаќање во странство без никаков проблем. Плаќањето е исклучиво дозволено за делокругот на нивната работа и согласно договорите со странските партнери”.

Александар Бужаровски