Ахмет Јашаревски
Граѓанскиот сектор го поттикнува решавањето на проблемите на Ромите
Актуелната ситуација во Македонија е на добар пат на подобрување, но ја следат проблеми на кои државата ќе треба да им даде поголем приоритет од решавање на прашања од областа на економијата, образованието, социјалата, проблемите на етничките заедници. Граѓанскиот сектор во Македонија с$ повеќе зазема замав и докажа дека може да соработува заедно со други етнички заедници при решавањето и одлучувањето, а притоа да ги балансира проблемите со меѓусебната комуникација и заедничката работа. За граѓанските организации имаше доста критики, дека се “пералници за пари”, дека не функционираат во корист на граѓаните, дека тие основаат здруженија на граѓани само за да дојдат до одредени финансии.
Граѓанските организации го докажаа сосема спротивното. Реализираа доста големи проекти од инфраструктурата, образованието, екологијата, човековите права, разни кампањи, како и проекти со бегалци и раселени лица, а со тоа наедно & помогнаа и на државата. Во вакви проекти и програми се вклучуваат доста голем број членови на граѓанскиот сектор (невработени лица) кои добиваат извесни хонорари и плати, во оваа, и така тешка економска ситуација во РМ. Само за илустрација, во Соединетите Американски Држави 5% од вкупниот број вработени се во граѓанскиот сектор и тие ја намалуваат бројката на невработеноста во земјата.
Поранешните согледување и искази за ромското прашање укажаа на реалноста во која постои недоволен интерес, волја, па и слух. Од искуството, навистина можам да тврдам дека Ромите можат с$, но не да си ја променат својата позиција во кое било општество. Слободно може да се тврди дека веќе 50 години најголем дел од нашиот народ живее во Македонија во истите гета, без инфраструктура, со никаква надеж за успех за нив и за нивните деца да се интегрираат во општеството. Така беше с$ до појавата на основање ромски граѓански организации. Со нив започна да се актуелизира и поттикнува решавањето на ромската проблематика во РМ. Постојат повеќе ромски граѓански организации коишто работат на ромските прашања. Една од нив е и ромската организација во којашто јас дејствувам - Центар на ромската заедница во Македонија (ДРОМ) од Куманово, која од своето основање до денес работи со план и програма за подобрување на условите на граѓаните во сите сфери на општествениот живот, со акцент на ромската популација.
На 17-18 јуни 2003 г. се одржа национална конференција организирана од неколку ромски граѓански организации, меѓу кои беше и ДРОМ. Конференцијата беше поддржана од Светската банка и Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), и носеше наслов “Состојбата на Ромите во Македонија”. На неа учествуваа граѓански организации, политички партии и претставници на владини институции и беа донесени заклучоци за актуелната состојба на Ромите во Македонија, што требаше да се презентираат во Будимпешта на конференцијата “Ромите во проширена Европа”. Во јуни 2003 година е потпишан договор од премиерот на Владата на РМ за подобрување на статусот на Ромите со партнерство на Светска банка и ФИООМ. Годинава ќе се донесе стратегија за Ромите и нејзината имплементација ќе започне од 2005 до 2015 година, а во изработката на стратегијата ќе учествуваат невладини организации, интелектуалци, во соработка со владини институции. Целокупната имплементација на оваа иницијатива ќе оди преку Владата на РМ.
Факт е дека со инволвирање на ромските граѓански организации во општествените текови започна подобрување во сите сфери на општествениот живот и демократскиот процес во државата. Владините институции с$ повеќе имаат соработка со граѓанскиот сектор и с$ повеќе ги гледаат како партнери, а не како конкуренција при решавање на проблемите од сите сфери на општествениот живот. Ромската проблематика не е само проблем на Ромите, туку оваа проблематика ја засега целата заедница, така што при решавањето на овој проблем е потребно сите активно да се вклучат. Само така ќе се постигне прогрес во Македонија, како на културен, така и на политички, економски и социјален план. Само стабилно општество може да постигне прогрес и развој, општество коешто ја користи енергијата за напредок на науката, технологијата, политиката, здравството итн. Ваквата соработка ќе придонесе кон побрзо разрешување на проблемите и пат за интеграција во Европската Унија.
(авторот е претседател на ЦРЗ ДРОМ од Куманово)
|