Трибина
Грижете се за своето здравје
Организацијата на жените на општина Свети Николе (ОЖСН), во соработка со здружението на граѓани “ Животна искра” и Клиничкиот центар од Скопје, на 29 ноември одржа трибина на тема “Грижете се за своето здравје”. Главниот акцент на трибината беше ставен на борбата против ракот на дојката, а свои излагања имаа д-р Светлана Антевска од Одделението за ренгенологија која зборуваше за раното дијагностицирање на ракот на дојката, д-р Тања Андреева од Одделението за торакална хирургија која даде осврт на оперативниот процес и отстранувањето на ракот на дојката и доцент Славица Кралева од Одделението за радиологија и онкологија која зборуваше за постоперативниот третман кај заболените жени. На трибината присуствуваше и претставничка од Мако плант (програма МЕДИКУС ХЕЛП), а Бобица Ханџиска на присутните им ги презентира протезите, градниците и периките за заболените жени. На трибината говореше и Виолета Томовска - “Животна искра”, а д-р Гордана Митева од Свети Николе го презентираше искуството на Организацијата на жените на општина Свети Николе во борбата против ракот на дојката.
Од ОЖСН истакнаа дека од почетокот на октомври организацијата започнала со организирање работилници за жените кои се заболени и кои се лекуваат од малигни заболувања на репродуктивните органи и рак на дојката во Свети Николе. Целта на средбите е да им се даде можност на заболените жени да си ги споделат своите проблеми и да си дадат меѓусебна поддршка во насока на побрзо надминување на проблемите и последиците од овие болести.
Д.М.
|