Конкурси и тендери наши насушни

Кој треба да им помогне на жртвите на семејното насилство?

Дали од секој конкурс и од секој тендер објавен во Македонија мора да се направи клопче, кое тешко дека некој може да го одмота? Токму тоа се случи и со конкурсот на Министерството за труд и социјална политика објавен на 18.05. 2006 година за поддршка на проекти за згрижување жртви на семејно насилство

Дали од секој конкурс и од секој тендер објавен во Македонија мора да се направи клопче, кое тешко дека некој може да го одмота? Токму тоа се случи и со конкурсот на Министерството за труд и социјална политика објавен на 18.05.2006 година за поддршка на проекти за згрижување жртви на семејно насилство.  Неполни два месеца по објавувањето  на конкурсот Комисијата за соработка со здруженијата на граѓани одлучува дека по основ на исполнетоста на условите најмногу бодови има Организацијата на жените на град Скопје, која во наредните шест месеци месечно ќе добива по 51.500 денари за реализација на проектот. Од НВО Шелтер-центар веднаш реагираа на ваквата одлука и поднесоа жалба до Министерството за труд и социјална политика, сметајќи дека во своето петгодишно постоење најдобро покажаа и докажаа кој умее најмногу да се грижи за жртвите на семејното насилство.

„Самото по себе се наметнува прашањето врз основа на што е направено бодувањето”, вели Габриела Спирковска, правничка во НВО Шелтер-центарот. Организацијата на жените на град Скопје нема ниту простор за згрижување жени, ниту вработени кои би работеле со овие жени, ниту пак искуство со оваа целна група, тврди Спирковска, објаснувајќи дека Шелтер-центарот има простор за згрижување од 280 м2, стручен тим составен од психолог, правник, социјален работник, лекар, тим којшто е обучуван во најголемите европски центри. Што се однесува до нивните успеси, Спирковска смета дека најдобар индикатор е згрижувањето на 1.283 жени и 732 деца во петгодишното постоење.

Факт е и следното. Со објавување на конкурсот за реализација на Проектот за заштита на жртвите на семејното насилство Министерството за труд и социјална политика не прецизирало јасно што подразбира под заштита на жртви на семејно насилство. Заштита може да биде 24-часовно згрижување, може да подразбира заштита во смисла на давање совети преку СОС-телефонот, правна заштита или пак заштита  на подолг период. Можеби токму оваа непрецизност во конкурсот донела до сегашните проблеми и оспорувања.

„Проектот за СОС-линија Организацијата на жените на град Скопје го има од 1994 година. Линијата е отворена 24 часа, а месечно примаме 1.000 повици од жртви на семејно насилство. Исто така во рамките на ОЖМ има и транзитна женска куќа низ којашто поминале 64 жени и 24 деца кои во куќата престојувале во текот на 24 или 36 часа”, вели Рајна Најдова, претседателка на ОЖМ. Таа ги негира обвинувањата дека ОЖМ нема стручен тим кој може да им помогне на жртвите на семејното насилство, истакнувајќи дека тие имаат квалификуван тим составен од лекари, психолози и правници. 

Што се однесува до самиот конкурс, Најдова истакнува дека првично истиот конкурс бил објавен на 14 март, но во  конкурсот било прецизирано дека се дава поддршка на проект на здруженија на граѓани за заштита на жртви на семејно насилство - Национална СОС-линија. „Со овој конкурс се предвидуваше во текот на шест месеци на невладина организација којашто се занимава со овој проблем да & биде доделувана месечна финансиска помош во висина од 51.000 денари.   На конкурсот се јавила само Организацијата на жените на град Скопје и откако било утврдено дека постои само еден единствен кандидат за оваа финансиска поддршка, Министерството за труд и социјална политика решило да го поништи конкурсот”, објаснува Најдова.

На 18 мај 2006 година ресорното министерство повторно го објавува конкурсот, но овој пат без нагласок дека се работи за Национална СОС-линија, така што на конкурсот можеле да се пријават сите граѓански асоцијации, кои се занимаваат со каков било вид згрижување жртви на семејното насилство. На конкурсот ОЖС е број еден на ранг-листата на Министерството за труд и социјална политика и решението го добиваат на седми јули 2006 година.

Објаснувањата дека во конкурсот не е прецизирано за каков вид згрижување жртви на семејно насилство се работи не ги задоволуваат надлежните од НВО Шелтер-центар. „Ние сме единствената организација којашто директно го третира проблемот на семејното насилство. Нашата организација никогаш нема да дозволи некој да се поигрува со толку ранлива група како што се жртвите на семејното насилство”, истакнува Спирковска. „Реакцијата на нашата организација во однос на решението беше со цел конечно да се престане да се манипулира со една навистина загрозена категорија луѓе, бидејќи можности за заштита на овие жени и деца постојат и тие можат да бидат применливи доколку не се случуваат вакви работи. Шелтер-центарот е дефинирана организација за работа со семејно насилство, како приоритет во својата програмска определба, и како таква има должност да продолжи и понатаму да биде посветена на своите активности. Тоа значи дека доколку и во иднина се случуваат вакви или слични проблеми, ќе се обидеме да ја анимираме целата јавност во решавањето на овие чувствителни прашања”, категорична е Спирковска.

Засега нема решение на спорот околу конкурсот на Министерството за труд и социјална политика, решението не е ниту на повидок, а потешкотии, и тоа не мали, се јавуваат и поради смена на власта. Сега секој може да обвини секого, оти се знае дека секоја смена на власта кај нас значи дека се почнува од почеток, а дека одговорноста за изминатите проекти и пропусти никој не ја сноси. 

Душко Миноски, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, објаснува: „Факт е дека е покрената жалба поради одлуката на Министерството за труд и социјална политика на Организацијата на жените на град Скопје да & даде финансиска поддршка за проект за згрижување на жртвите на семејното насилство. Таа жалба стои и не се бега од неа. Напротив, жалбата е препратена до Второстепената комисија на Владата, но поради промената на власта, Комисијата е расформирана. Поради настанатиот вакуум, стапено е во контакт со надлежните од Шелтер-центарот, разговарано е со нив и во интерес на идната соработка најден е компромис. Ветено ни е од Шелтер-центарот  дека ќе ја повлечат жалбата и дека ќе се изнајде најдоброто можно решение. Што се однесува до наредните конкурси, се надевам дека во иднина тие ќе бидат многу потранспарентни и дека нема да доаѓа до вакви немили ситуации”.

Ветувањето е дадено и одржано. НВО Шелтер-центарот овој пат ја повлече жалбата. „Сметаме дека во овој момент тоа е најдоброто можно решение. Но, овој пат заради низа околности ќе ја повлечеме тужбата, но доколку и понатаму се манипулира со конкурси, ние ќе одиме докрај, каков и да биде исходот”, вели претседателката на НВО Шелтер-центарот, Даниела Дабевска.

Овој пат се најде компромисно решение. Но, не треба да се заборават оние заради кои и е објавен овој конкурс, а тоа се жртвите на семејното насилство. Да не заборавиме - секоја четврта жена во Македонија е физички малтретирана, секоја трета психички, затоа земја којашто има ваков „завиден” број жртви на семејно насилство не треба да си дозволи луксуз да се создадат караници околу конкурси и тендери што треба да им помогнат на овие луѓе кои и така имаат доволно маки во својот живот.