Погледи: Лилјана Поповска

Надминување на предрасудите за секторот на НВО
 

Невладиниот сектор ги бранува духовите во Македонија последниве десетина години. И тоа е добро, тоа е доказ за неговата автентичност и жилавост. Ги надживеа кампањите за „туѓи орудија“, за „пералници на пари“, за штетници за државата и џаболебари што не знаат што прават и го следат само сопствениот интерес. Не дека нема и такви случаи. Во земја во транзиција, измачена од сиро­маштија, стеснета на бурниот и стратешки секогаш интересен балкански простор, Македонија е секако податлива и за такви случувања.

Но поединечните „флеки“ не смеат да се издигнат на ниво на правило и принцип кои ќе ги заматат вистинските вредности и визури.

За познавачите на оваа област вис­тинската приказна за невладиниот сектор во Маке­донија е убава и благородна. Според разгранетоста, организираноста и по­светеноста, овој сектор н$ издигнува високо кон европските стандарди и секако претставува една од темите за лобирање за нашава земја во процесот на евро­интеграција. Одредена скепса кон него постои и поради недоволното познавање на самата суштина на граѓанското здру­жување и активизам. Општеството е премногу сложена и разнородна целина за да може хармонично да функционира само преку бирократски одредби и мерки. Граѓанскиот активизам се раѓа како природно здружување околу заедничка потреба, интерес, идеја или убедување. Целта е да ја подигне јавната свест, да иницира промени, да ги прифати и дисе­минира во општеството, но и да ја следи и коригира власта во нејзиното работење, насочувајќи ја кон специфичните инте­реси на одредени групи граѓани. Гра­ѓаните се сплотуваат околу заед­ничката стратегија, ставајќи ги настрана своите разлики - идеолошки, етнички, верски, професионални. Во повисоките форми на активизам се постигнува меѓусекторско дејствување, каде што невладините орга­низации претставуваат амалгам за по­­врзување и омекнување на раз­лич­ностите. Добра илустрација би било Македонското жен­ско лоби, кое за четири години, токму преку ваков заеднички активизам на жени од различни структури, успеа да направи значителни промени на полето на родо­вата рамноправност. По овој пат тргна и Интерпартиското парламентарно лоби за лицата со посебни потреби. Она што не им е секогаш јасно на оние што не се директно заинтересирани за овие пра­шања е фактот дека ваквото дејсвување дава и други резултати, освен непосредно зададените цели: поголема кохезија на општеството во целина и подобрување на имиџот на Република Македонија како земја со стандарди мерливи со европ­ските.

Постојат огромен број позитивни по­единечни примери на ентузијастичко дејсвување, но општа е забелешката дека недостига завршницата - регуларна и континуирана партнерска соработка со власта, која не треба да се сфати како потчинување на едниот под другиот сектор. Досега на задоволително ниво е постигната главно соработката на невла­диниот сектор со локалната власт, каде Градот Скопје беше првиот и многу пати посочуван пример за искрена поддршка и отвореност за партнерство. Но, не­опходна е поинтензивна и поискрена соработка при изработка на закони, при деле­гирање на дел од своите надлеж­ности, како и отвореност кон граѓански иницијативи во интерес на одредени специфични потреби на групи граѓани. Општо земено, имам впечаток дека нај­напред треба да се дообјасниме околу сфа­ќањата за невладиниот сектор и да излобираме за негов достоинствен трет­ман од страна на власта, медиумите и граѓаните во најшироката смисла.

Дел од ова се решава со законска регу­латива, предложена од Владата и при­фатена од Парламентот. Ново е тоа што и во двете институции веќе постои критична маса за иницирање и прифаќање вакви закони. За пример ќе ја земам последната верзија на Законот за социјални работи, со која Министерството за труд и соци­јална политика направи, според мое мислење, револуционерни зафати, широко отворајќи го просторот за дејсвување на невладините организации во деликатната социјална сфера. Тоа значи доверба, но и одговорност. Тоа значи дека ќе се воспос­тави систем од критериуми, според кои невладиниот сектор ќе се прочистува однатре, како една цеховска, или еснаф­ска структура. Тој процес е, впрочем веќе тргнат и сведоци сме на инсистирање за што поголема транспарентност во де­јствувањето од самите невладини орга­низации.

Јас сум оптимист и верувам дека ќе успееме, сите заедно. Затоа што н$ има с$ повеќе коишто сме свесни дека вака, токму вака се работи и за доброто на граѓаните на Македонија.

 

(Авторката е потпретседателка на Собранието на Република Македонија и долгогодишна активистка во граѓанскиот сектор)