Македонски институт за медиуми

Доделени наградите за најдобра истражувачка сторија

Македонскиот институт за медиуми по шести пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија, годинава за објавени текстови во 2006 година.

Првата награда за истражувачка сторија во текот на 2006-та година  ја доби Светлана Дарудова, новинар од дневниот весник Дневник, за серијата текстови под наслов „Во специјалниот завод во Демир Капија”. Втората награда му беше доделена на Ердем Ахмет, новинар од турската редакција на МТВ, за ТВ-прилогот „Заборавените деца од с. Габер, Карбинци”. Реџеп Торте, новинар од дневниот весник Факти, за серијата текстови „Приказната за Бујаре Велиу”, ја доби третата награда.

На конкурсот, чија цел е да го поттикне и промовира истражувачкото новинарство во македонските електронски и печатени медиуми, учествуваа 33 новинари со 48 стории.

Освен првите три награди, беа доделени и две пофалници за новинарките Јорданка Ивановска и
Жаклина Ѓорѓевиќ, од дневните весници Дневник и Утрински весник. Одлуката за најдобри истражувачки стории за 2006-та година ја донесе комисијата во состав: Катерина Блажевска (Дневник), Катерина Спасовска (Лоби), Сања Васиќ (Телма), Емин Аземи (Факти) и Константин Тесторидес (Асошиејтед прес).

Наградите се со парична вредност. Доделувањето на наградите го организира и финансира Македонскиот институт за медиуми, со делумна поддршка од фондацијата Конрад Аденауер. 

Т.Д.