Мрежа на организациите на млади од Југоисточна Европа СЕЕИН (SEEYN)
НАГРАДИ ЗА РАЗВОЈ НА ВОЛОНТЕРСТВОТО
Тринаесет организации и поединци од Босна и Херцеговина, од Македонија, од Хрватска, од Црна Гора и од Србија се овогодинешните лауреати на наградите за развој на волонтерството во Југоисточна Европа
Мрежата на организациите на млади од Југоисточна Европа на 21 септември 2006 година ги додели наградите за развој на волонтерството. Со наградата се закитија 13 организации и поединци од Босна и Херцеговина, од Македонија, од Хрватска, од Црна Гора и од Србија. Иако наградата има подолга традиција, како регионална награда за прв пат се додели оваа година. СЕЕИН (СЕЕЅН) претходно доделувала награди на локално ниво во рамките на меѓународниот ден на волонтеризмот.
„Наградата нема натпреварувачки карактер односно не постои добар или лош во волонтерството”, вели Емира Мешановиќ, директор на СЕЕИН. „Сите се добри, па дури и одлични”, додава таа. „СЕЕИН одлучи да им врачи награди на најрепрезентативните примери, а сите други сигурно заслужуваат благодарници и поддршка во нивната работа”, вели Мешановиќ.
За наградата на СЕЕИН можат да бидат кандидирани поединци и организации од сите сектори: невладин, владин, шоу-бизнис, бизнис итн. Членките на СЕЕИН ги кандидираат личностите или организациите од своите земји. Независниот одбор на Секретаријатот на мрежата избира кој ќе ја добие наградата.
Оваа година церемонијата на доделување на наградите беше организирана во Сараево, Босна и Херцеговина, во рамките на регионалната манифестација „Денови на СЕЕИН на волонтерството”. Бидејќи Сараево е кантон кој е прогласен за европски регион за 2006 година, наградата на СЕЕИН за волонтерство 2006 е претставена како симболот на градот Сараево (мандало на врата). Добитниците добија и изложба во форма на разгледници под името „Нема одмор додека трае обновата”, на авторката Александра Нина Кнежевиќ.
Наедно, на сите оние кои ја добија наградата СЕЕИН им е понудена можност за соработка на програмата СЕЕИН во 2007/2008 година.
Кој ги доби наградите
Наградата се доделува во повеќе категории. Наградата за волонтерство на владина институција ја добија: Административната служба на градот Бања Лука, за поддршката во креирањето на Локалниот волонтерски сервис кој е отворен за сите институции и граѓански организации во којшто се собираат повеќе од 300 волонтери кои се активни во заедницата. Во оваа категорија награда доби и г-ѓа Цветана Плавша Матиќ, директорка на Националната фондација за развој на граѓанското општество од Хрватска за нејзиниот придонес во промовирањето на волонтерството преку грантови за граѓански организации и воспоставување награда (Печат на срцето), за организирањето на две национални конференции за волонтерство и за посебната програма за развој на волонтерството и влијанието во изработката на закон за волонтерство во Хрватска.
Во категоријата награда за компанија беа наградени: ПЦ Кидс, компанија која во последните четири години собрала речиси еден милион конвертибилни марки за изградба и враќање на куќите на повратниците и раселените лица. Вработените во ПЦ Кидс волонтирале во текот на целата акција, а организирале и многу други акции во заедницата. Другата награда во оваа категорија ја доби Загребскиот електричен трамвај за поддршката на меѓународните и локалните волонтери на кои им обезбедува бесплатни месечни билети и бесплатен превоз.
Наградата за извонредна волонтерска организација ја доби СОС-телефонот за жени и деца жртви на семејното насилство за нивното 10-годишно собирање на локалните волонтери и давање извонредна помош на нивните корисници.
Наградата за извонредна организација која мобилизирала волонтери ја доби Истражувачкото друштво „Владимир Мандиќ Манда” од Валјево, Србија, за одличната работа и ентузијазам преку примерот на реконструкција на старите простории и изградбата на Центарот за млади.
Наградата за исклучително залагање за волонтерство ја добија Ида Карапериќ која по нејзниото долго волонтерско искуство го воспоставила првиот локален Волонтерски центар во Бихаќ; и Слободан Пузовиќ кој својата експертиза во комбинација со волонтерството ги вложил во заштитата на Обедска Бара, една од најстарите европски заштитени зони.
Наградата за волонтери ја поделија Милан Мишковиќ, од неформалната македонска група, организатор на хуманитарниот концерт за собирање на средства за лекување на 25-годишниот Марјан Ристевски и Движењето ДОСТА од Босна и Херцеговина за нивните активности во решавањето на проблемите на младите.
Наградата за филантропија во шоу-бизнисот ја добија Енис Бешлагиќ, актер од БиХ, за неговото учество во голем број хуманитарни концерти и акции и Рамбо Амадеус од Црна Гора, исто така за хуманитарните концерти, но и за учеството во акцијата за спасување на елките.
Надвор од конкуренцијата, доделена е една награда на Независната телевизија Хајат за следењето и промовирањето на големиот број невладини организации во БиХ и за учеството во многу хуманитарни акции.
|
|