Случај пред Јавното обвинителство

Кривична пријава против кршењето на детските права

Првата детска амбасада во светот Меѓаши и Здружението за заштита на правата на детето, во последните денови на мината година поднесоа кривична пријава до Јавното обвинителство против сторители кои дистрибуираат и продаваат приватни аматерски порно снимки до јавноста, на кои е снимена малолетничка од едно скопско училиште. Двете организации кои работат на заштита на правата на децата, пријавата ја поднесуваат врз основа на информациите објавени во електронските и печатените медиуми на 22 декември, 2004 година. цитирајќи го весникот “Дневник” во кој меѓу дргото стои: “Филмот во кој главни актери се шесна­есет­годишна ученичка од Скопје и нејзиното момче се продава во интернет-кафулињата за 100 до 200 денари. Скан­далозниот филм трае половина час и изобилува со експлицитни сексуални сцени…”. Во кривичната пријава се повикува Кривичниот закон, на членот 152 став 1 и 3, за неовластено снимање, како и на членот 174 став 2, за изнесување лични и семејни прилики.

МЕЃАШИ и ЗПД, потенцирајќи дека во случајот станува збор за грубо кршење на правото на приватност, правото на углед и на личен интегритет и ја повикуваат државата да дејствува согласно и на Конвенцијата за правата на детето чијшто потписник е таа. Во членот 34 од Конвенцијата е наведено дека државите членки посебно ги преземаат сите соодветни мерки за спречување на експлоататорско користење на децата во порнографски претстави и списанија. Исто така, во членот 15 од Конвенцијата се наведува дека ниедно дете не смее да биде изложено на самоволно или незаконско мешање во неговиот приватен и семеен живот, како ни на незаконски напади врз неговата чест и углед. И двете организации во текот на јануари, годинава, очекуват од Јавниот обвинител по службена должност да покрене обвинителен акт против сторителите.                             

Даниел  Медароски