Акција

“Пружи отпор, кажи не” ќе го тужат “Телеком”

Координативното тело на граѓанската акција “Пружи отпор, кажи не” ќе покрене тужба против “Македонски комуникации” за направената штета врз граѓаните со поскапувањата во фиксната телефонија. Според нивните анализи, во периодот од 1 јули 2003 до 31 јули годинава, цената на претплатата е зголемена за 94,5 отсто, цената на импулсот во локалениот сообраќај за 474 отсто во ефтина тарифа и за 237 отсто во нормална тарифа, а во меѓувреме се намалени и потполно укинати бесплатните имплуси. Анализите на Координативното тело покажуваат и дека само по основ на укинатите бесплатни импулси корисниците се оштетени за повеќе од 40 милиони евра.

“Откако полни три месеци залудно очекуваме одговор на нашите протесни писма и барања од Владата за јавно објавување на концесискиот договор и одлуките за промена на цените во фиксната телефонија, убедени сме дека нашите народни избраници се крај­но незаинтересирани за решавање на овој проблем. Ваквото нивно однесување наведува на заклучок дека А.Д. - Македонски телекомуникации се однесува своеволно и арогантно токму поради директната поддршка од одделни структури во власта”, велат од Координативното тело. Граѓанското движење “Пружи отпор кажи не” испрати и второ дополнување на претставката до Државниот пазарен инспектор во кое се бара негова интервенција во поглед на поголема прегледност во фактурите за телефонски услуги и во однос на нивното претходно барање за незаконско пресметување затезни камати на фактурите кои беа вратени како невалидни, а за кои имаше поднесено приговори.

Ж.Ѓ.