Национални консултации
Соработка меѓу Светска банка и граѓанското општество
Триесет и осум претставници од повеќе граѓански организации од Македонија кои имале искуство во соработката со Светска банка, на 29-ти март во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка учествуваа на еднодневната работилница под наслов “Национални консултации за соработката меѓу Светска банка - граѓанско општество во Македонија”, каде што ги разменија и презентираа стекнатите искуства во соработката со Банката и дадоа препораки за поефикасна, идна соработка. Соработката е фацилитирана од Заедничкиот комитет за фацилитирање на соработката меѓу Светска банка и граѓанското општество (ЈФЦ), консултативна група задолжена за фацилитирање и изнаоѓање транспарентни и демократски механизми за поефективна соработка помеѓу граѓанските организации и Светска банка на глобално ниво, која верува дека зајакнатата вклученост помеѓу Банката и граѓанските организации може да доведе до поефективно намалување на сиромаштијата.
„Иако навидум резултатите постигнати на ниво од спроведени проекти поддржани од Банката се задоволителни, сепак не може да се говори за некои позначајни резултати или пошироки ефекти од самиот проект. Ова се должи на краткото времетраење на проектите (6 месеци), период кој не е ни одблизу доволен за да може да се согледа влијанието од спроведените проекти на пошироката околина или нивните мултициплирачки ефекти. Во оние места каде проектите треба да станат обврска на локалните власти, не постои ниту форма, ниту механизам кој ќе ја продолжи соработката меѓу локалната самоуправа и граѓанските организации, со цел да ги засилат ефектите од проектот и да овозможи оддржливост”... се дел од посочените искуства, кои заедно со усвоените препораки за поефикасна соработка, се презентирани преку одбраните претставници на одржаниот Светски политички форум во Вашингтон од 20 до 22 април. К.Б
|
|