ЈУБИЛЕЈ
Пет години ЕРИНА
Новинарско-правниот енвиро центар ЕРИНА од Скопје годинава слави петгодишен јубилеј. Во овој период, ЕРИНА прерасна во една од малкуте профилирани здруженија на граѓани кои работат во областа на животната средина. Наспроти повеќето кои работат на сите аспекти од оваа широка област, ЕРИНА се определи да се фокусира на прашањата поврзани со законодавството, јавната свест и информираноста во областа на животната средина.
ЕРИНА започна како иницијатива на група новинари и правници специјализирани во оваа област. Една од позначајните континуирани активности на здружението е работата на Архуската конвенција за пристап до информациите, пристап до правдата и учеството на јавноста во областа на животната средина. ЕРИНА беше првото македонско здружение на граѓани кое лобираше Владата и Парламентот да го усвојат овој меѓународен документ, а препораките на ЕРИНА беа прифатени од Министерството за животна средина кое со нив настапи на Архуската конференција во Данска.
Ова здружение го формира и првиот Правен центар за животна средина кој дава бесплатни информации и правни услуги за граѓани и здруженија на граѓани. Тоа, заедно со изготвувањето на предлогот на текст за закон за пристап до информациите и учеството на јавноста (од страна на стручен тим раководен од професорот д-р Борче Давитковски) беа едни од првичните чекори за практично спроведување на Архуската конвенција во Македонија.
Покрај ова, треба да се споменат и проектите насочени кон подигањето на свеста: кампањата за заштита на кафеавата мечка и нејзините живеалишта на Балканот, санацијата на чинарот во Газиисабеговата џамија во Скопје, афирмација на наследството на Крушево, информирањето преку средствата за јавно информирање за аспектите поврзани со животната средина од програмите на кандидатите на последните парламентарни и локални избори, проектот за усогласување на законската регулатива за заштитените области во пограничните зони, како и повеќе други проекти, акртивности, учества на работилници, конференции, дебати…
М.И.
|