Празниците се добро време да ги поправиме работите

Еден човек секој ден во продавница купувал по три леба. На продавачот му станало чудно зошто секогаш купува токму по три, ниту повеќе ниту помалку, па еден ден решил да го праша. „Еден за минатото, еден за сегашноста и еден за иднината”, рекол човекот. Не разбирајќи што сака да каже, продавачот збунето го гледал. „Еден е за моите родители, тие се минатото, еден за мене и мојата сопруга, ние сме сегашноста и еден за моите деца, тие се иднината”, одговорил човекот.

Што правите вие за минатото, сегашноста и иднината?

Последниот месец од годината е месец на рекапитулации: од каде тргнавме, што направивме и каде стигнавме. Нормално е тоа за крај на година, сите сакаме да видиме на крај кои се резултатите од неуморната трка со животот. Што ќе видиме, зависи од минатото, од тоа колку во претходната година (а богами и годините пред неа) сме сработиле. Да ги прегледаме уште еднаш нашите планови, да видиме како ќе ги остваруваме во идната година и годините по неа.

А потоа, да си направиме рекапитулација за себе. Приватна. Колку среќа ни донесе, а колку  ни ја однесе минатата година; колку пријатели добивме - колку изгубивме трчајќи по еден куп други работи; колкупати ги усреќивме, а колку пати ги натаживме лицата на оние што многу ни значат…

Да, рекапитулациите се многу потребни. Да „застанеме на топката”, да видиме каде сме и каде сме тргнале. Да ставиме на кантар, што сме добиле – што сме изгубиле, да се преброиме, да се пресметаме… Затоа што доаѓа Новата 2008, а во неа треба да влеземе подготвени, да знаеме на што сме. 

Декември и јануари се месеци на празници, слави, имендени, Нова година… Празниците се секогаш добро време да ги поправиме работите, барем оние на личен план. Да се дружиме со оние со кои не сме можеле, да простиме, да развеселиме…

За време на празниците и не само тогаш, мислете на минатото, на сегашноста и на иднината. Мислете на оние што се жртвувале за вас, мислете на вас, вие сте најважни на светот и мислете на иднината, тоа е вашата инвестиција. Мислете и на оние што можеби не ви се блиски, ама се во неволја, отворете си ги срцата и помогнете им, најдобро што знаете.

Празнувајте, одморете се, сте заслужиле.

Ви посакувам среќна и успешна Нова 2008 година и ви посакувам празнични денови исполнети со дружба, топлина и радост.

 

Гонце Јаковлеска