Во организација на Отворена Порта/ Ла Страда
Тивка аукција за жртвите од трговија со луѓе
На 20 септември НВО Отворена порта/ Ла страда во Скопје организира добротворна аукција на уметнички дела со цел со собраните средства да им помогне на жртвите од трговијата со луѓе во своето прифатилиште.
„Направете посебен чин и овозможете им на многу луѓе да го направат потребниот избор и да го стекнат достоинството што го заслужуваат” - вака гласеше повикот на кој граѓаните се одѕваа и учествуваа на тивката аукција организирана во Мултимедијалиот центар Мала станица.
На аукцијата беа понудени слики, икони, предмети изработени од керамика од авторите Мирослав Стојановиќ - Шуки, Маја Стефановска, Наташа Сарачинова, Билјана Велјановска , а дела донираа и ателјеата Скарабеј и Артенхоби.
Беше продаван накит и торбички изработени од девојки, жртви на трговијата со луѓе. Според првичните оценки, собрани се финансиски средства во висина од околу 18.000 денари.
Анимирањето на јавноста за проблемот со жртвите од трговијата со луѓе Отворена порта /Ла страда го започна во 12 часот напладне, со организираната Градска велосипедска трка, која се одвиваше од Олимпискиот базен до Градскиот парк. Трката беше дел од интернационалниот караван за борба против трговијата со луѓе, а посетителите имаа можност во паркот да ја проследат музичко-забавната програма, доделувањето на наградите за најдобрите велосипедисти меѓу кои имаше и претставници на политичкиот и јавниот живот во земјава, доброволци и активисти.
К.Б.
|