Конференција за децата во организација на УНИЦЕФ и Владата
Македонија да биде “Земја по мерка на детето”
Во јуни, во Скопје, во организација на УНИЦЕФ во Македонија и Кабинетот на премиерот на Владата се одржа првата Конференција за децата “Земја по мерка на децата”. Беше дискутирано за правата на децата за инвестирање, за децентрализацијата во функција на децата, за децата отфрлени од општеството, како и за пристапот на децата до квалитетни примарни социјални услуги. На конференцијата беа договорени и примарните конкретни чекори на релевантните субјекти во насока на подобрување на правата на децата и имплементирање на Конвенцијата за правата на детето, со цел Македонија да стане “Земја по мерка на детето”.
“Оваа конференција е многу важна поради подготовките на земјата за членство во ЕУ и важноста да се остварат правата на сите, особено на децата, што е еден од првите услови. Приклучувањето кон Унијата значи отворање на можностите за сите, но не треба да заборавиме дека децата треба да бидат во центарот на вниманието на законите и реформите.Конференцијата е клучен чекор кон остварувањето на милениумските цели до 2015 година, кои се многу јасни, а земјата е посветена кон нивното остварување: елиминирање на гладот и сиромаштијата, основно образование за сите, унапредување на половата еднаквост, намалување на смртноста на новороденчињата и борбата со сидата”, истакна меѓу другото Шаназ Кјанијан Фирузгар, заменик-регионален директор на УНИЦЕФ.
Кај Владата постои волја да се зајакне заштитата на децата односно да се следат светските трендови поставени со милениумските развојни цели, изјави Премиерот Владо Бучковски, а вицепремиерката Радмила Шеќеринска дополни дека “македонските деца се граѓани на Европа и треба да имат право да комуницираат со своите врсници од Европа без пречки и граници” .С.Н.
|