Формиран нов форум во Битола

Се обединија триесет граѓански организации

На 9 јули оваа година, во Битола, се основа Форум на здруженија на граѓани, на кој му пристапија 30 граѓански организации од општината. Ова прво и единствено тело во општината, формирано на иницијатива на граѓанската асоцијација „Битола”, здружението на жените „Престиж” и Движењето за околината „Молика”.

Обединувањето значи чекор напред кон јакнење на кацапитетите на здруженијата, ефикасна, транспарентна и демократска комуникација на истите, врз основа на потпишан документ за меѓусебна соработка. Иако во општината Битола има регистрирано над 450  здруженија на граѓани, само дел  од нив се активни, многу малку се координираат меѓу себе или се повторуваат во програмските активности.

Со потпишување и поддршка на Меморандумот за оформување на  Форумот, локалната самоуправа, истак­нати институции, конзуларни преставници, приватни стопанственици и поединци, станаа членови на неговото советодавно тело. На основањето на Форумот, 11 организации  се избрани за членови на Граѓанскиот комитет, чиј член е и градоначалникот на општина Битола.

Извршната канцеларија на Форумот ја сочинуваат претставниците на организациите кои во наредниот двегодишен период ќе ги координираат и воспос­тавуваат мостовите помеѓу здруженијата и локалната самоуправа, бизнис-секторот и медиумите и ќе работат на јакнење на капацитетите на ГО, на промовирање работни групи, унапредување и заштита на правата и интересите на членките, на соработка со институциите на сите нивоа. Форумот планира да изготви акциски план за 2007-2017 година со прецизна динамика на извршување на истиот.

На основањето на Форумот учествуваа амбасадорот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, претседателот на советот на општината Битола, Лилјана Кузмановска, конзулите на конзуларните претставништва во Битола, претставници од бизнис-секторот, медиумите, како и претставници од граѓанските организации.

Г.Ш.