НЕВЛАДИН ПАРЛАМЕНТ
Опозиција на сите политички партии во земјава
Во текот на март се очекува првиот НВО Парламент во земјава да ја одржи својата втора седница. Создаден по одржаните невладини избори во Република Македонија (декември 2003 - јануари 2004 година), тој својата конститутивната седница ја имаше на 31 јануари 2004 година. Како што велат неговите основачи, “НВО Парламентот не е во можност да избира и разрешува влади на држави или да избира шефови на држави, но може да се организира во масовни и силни здруженија кои во секој миг ќе претставуваат коректори на власта во државата”. Парламентот што брои 120 пратеници го создадоа 208 граѓански здруженија од земјава, чии претставници се дел од оформената влада и владините органи и тела. НВО Парламентот има свој претседател, а на втората седница ќе избере и четворица потпретседатели и секретар. Ќе бидат оформени и десет комисии со по 12 членови. Основачите на НВО Парламентот се надеваат дека во неговиот состав нема да има позиција и опозиција, туку самиот ќе биде опозиција на сите политички партии. Основачите потенцираат дека членовите на НВО Парламентот не се организираат со цел да создаваат паралелизам или рејтинг за некакво политичко организирање или политички избори, туку да им понудат на граѓаните поактивно учество во институциите на системот, во работата на Парламентот на Република Македонија. Ова се смета за “чекор напред во модернизирањето на Законодавниот дом и чекор кон приближувањето до големото европско семејство, а се очекува ваквиот начин на здружување на граѓанските организации да доведе до уште поголемо зајакнување на секторот и јакнење на нивните капацитети. НВО Парламентот ќе го претставува гласот на народот во Македонија преку кој постојано ќе се иницираат предлози и потреби од граѓаните, кои ќе бидат проследувани до Парламентот на Република Македонија, до законодавниот дом. Се очекува народните политички избраници да обрнат поголемо внимание на граѓанските потреби, додека граќанските организации и граѓаните будно ќе внимаваат на реализацијата на граѓанските барања.
Невладините парламентарните избори се организираа на делегатски принцип, во осум региони во Македонија, кадешто на градски и регионални конвенции беа избрани 120 пратеници на листи, предложени од граѓаните и граѓанските здруженија. На листите беа кандидати од граѓанскиот сектор без политичко минато. Претседателот на парламентот предложи мандатар за состав на Комесаријатот (Владата), кој ќе биде избран на втората седница на НВО Парламентот. Комесаријатот ќе треба да брои од 18 до 20 сектори, а ќе го раководи канцелар и двајца вицеканцелари.
Меѓу дел од организациите, иницијатори за оформување на Невладиниот парламент се и: Младински информативен центар - Тетово; Мултикултура -Тетово; Толеранца- Струга; Младински културен центар- Битола; Центар за Меѓуетничка толеранција и бегалци- Скопје; СППМД- Кавадарци, КХАМ - Делчево; ДРОМ Куманово; Продолжен живот- Струмица; ЦМК- Скопје и др.
К.Б.
|