И Македонија ќе го решава статусот на ромското малцинство
Промовирана Декадата на Ромите
Вработување на Ромите, решавање на проблемот со нивното домување, урбанизирање на населбите населени со ромско население се дел од прашањата кои би требало да се решат со акциските планови што ќе се реализираат во наредните 10 години, во рамките на Декадата на Ромите, промовирана на 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите. Декадата на Ромите 2005-2015 е меѓународна иницијатива поддржана и од Македонската влада, со цел подобрување на социјалната и економската положба на Ромите. Како резултат на оваа иницијатива, Владата во јануари, годинава, ги донесе Стратегијата на Ромите во Република Македонија и националните акциски планови за образование, за здравство, за вработување и за домување. “Ова е почеток на една значајна деценија во која со с$ што е направено досега, но и со планираните идни проекти, Македонија несомнено ќе стане пример во целиот регион за успешна интеграција на Ромите во општеството”, рече премиерот Владо Бучковски, на свеченоста по повод 8 Април, промовирајќи ја Националната стратегија за спроведување Декадата за интеграција на Ромите. Според него, решавањето на проблемите со кои се соочува оваа заедница во Македонија е составен дел од напорите на Владата за намалување на сиромаштијата и подобрување на стандардот на живеење на сите граѓани.
Министерот за труд и социјална политика, Стевче Јакимовски, во своето обраќање оцени дека целта е да се постигне траен развој на Ромите. “Нашата намера е да се постигне траен развој во социјалната, економската и политичката сфера, да се обезбеди заштита на дискриминација и расизам, пристојно домување и соодветно образование и здравствени услуги”, рече тој. “Ние сме свесни оти без силна ромска поддршка и консолидација ќе имаме сериозни проблеми во остварувањето на сите наши планови. Ромите не се фолклорен народ, туку народ кој си ги бара своите права зацртани во Уставот”, смета пратеникот Неждет Мустафа. Според постојаната претставничка на Светската банка во Македонија, Сандра Блуменкамп, во наредните 10 години постојат многу теми што властите ќе мора да ги разгледаат. “Ќе треба долго време да се надмине издвојувањето на Ромите, поради што Европа и ги повика ромските и европските лидери да ги надминат проблемите”, рече Блуменкамп. Декадата за вклучување на Ромите е иницијатива на Светската банка, ФИООМ и владите на Република Унгарија и Република Бугарија и неодамна беше промовирана во Софија. Вклучувањето на овој народ во сите текови на општеството е насока што си ја зацрта и Европската Унија. Ж.Ѓ.
|