Национална кампања “За еднакви можности”
Жените бараат 30% од кандидатските листи за изборите
Жените од Сојузот на организациите на жените на Македонија, поддржани од ОБСЕ и од Министерството за труд и социјална политика, на следните избори ќе се залагаат за освојување 30% во горните и долните делови на кандидатските листи. На 27 септември тие ја промовираа националната кампања “Повеќе избрани жени на парламентарните избори 2006 - за еднакви можности”, во рамките на којашто ќе побараат и поголем процент на жените во изборните тела.
Можете да бидете горди на она што досега го постигнавте со порастот на процентот на жените. Учеството на жените на локалните избори на партиските листи се зголеми на 30 проценти, од што резултатот беше зголемување на бројот на жените советнички од 8,4 на 22,4 отсто”, рече Виктор Улом, шеф на одделот за владеење на правото во ОБСЕ, кој нагласи дека според сегашната рангираност на жените во политиката, Македонија е на второто место во регионот.
Тој потенцира дека жените треба да бидат поприсутни на кандидатските листи, но и да добијат поистакнати места во изборните тела. Претседателката на Законодавно-правната комисија во Собранието, Цветанка Иванова, изјави дека работната верзија на законот за еднакви можности е готова, но и дека со законот ќе се придонесе за подобрување на статусот на жената во општеството, а ќе се дефинира и дискриминацијата, половото вознемирување и механизмите за нивно спречување. Елена Грозданова од Министерството за труд и социјална политика оцени дека проектот за зголемување на учеството на жените ќе придонесе за имплементација на владиниот Национален акциски план за унапредување на половата рамноправност.
Ж.Ѓ.
|