СУНА (Скопје Унитед Натионс Ассоциатион)

Унапредување на вредностите на ОН во Македонија

СУНА (Скопје Унитед Натионс Ассоциатион) е непрофитна невладина организација, регистрирана во 2000-тата година, но со активности започнати од страна на нејзините членови со неформални средби во 1998 година.

Мисијата на организацијата е унапредување на вредностите воспоставени од ОН во Македонија низ организирање информативни и едукативни средби, семинари, конференции, печатен материјал и друго. СУНА се стреми кон постигнување на целите по пат на јакнење на капацитетите на граѓанското општество, унапредување на учеството на граѓаните во општествените проблеми, соработка и анимирање на локалните ресурси во решавање на локалните проблеми на ниво на заедницата. Во месец септември, 2004 година, организацијата стана здружена членка на Светската федерација на асоцијациите на ОН како претставник на Македонија.

Фокусот на СУНА  е насочен кон образование и активности за развој на обесправените, маргинализираните и младите. Во јануари 2005 година стана и членка на Меѓународната мрежа за поддршка создадена од грчката НВО за развој - Европска перспектива, а од март истата година до јуни годинава ќе биде вклучена во проектот „Градење на капацитите на граѓанското општество во Србија, Косово и во Македонија”, финасиран од програмата КАРДС за регионален развој на граѓанското општество, заедно со Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје. Целта на проектот е градење и подигање на одговорностите и капацитетот на граѓанскиот сектор и социјалните групи во регионот низ формални и неформални здруженија со цел да се обезбеди подобра промоција на демократските процеси и пообемно вклучување на граѓаните на локално ниво. 

До март, годинава, членовите на организацијата работеа и на проектот за хуманитарна помош за седумдесет семејства од Скопје, а меѓу реализираните досегашни активности се и проектот за развој на заедницата низ подобрување и подигнување на квалитетот на интеретничките релации, финансиран од Европската агенција за реконструкција, проектите „Култура на живеењето”, „Прочистување на општеството во коешто живееме”, проекти за помош на привремено неспособните лица, на слепите деца финасирани и координирани од УНИЦЕФ и др.