Агенција на САД за меѓународен развој
Четиристотини милиони долари во Македонија
Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД) во последните дванаесет години инвестира четиристотини милиони долари во Македонија. Само во последните пет години, проектите коишто ги поддржа УСАИД вклучуваат повеќе од 150 реновирани училишта, 77 подобрени системи за водоснабдување, како и повеќе од сто спортски игралишта. Преку оваа иницијатива се инвестирани повеќе од 25 милиони долари во македонските локални организации.
Неодамна во Скопје се промовира книгата “Самопош за заедниците” во којашто се документирани голем број проекти за развој на локалните заедници во Македонија поддржани од УСАИД.
“Примарна цел ни беше да направиме механизам со којшто ќе ги поттикнеме граѓаните да бидат активни во своите општини. Корист од нашите проекти имаат над 1,5 милиони граѓани од Македонија”, изјави Дик Голдман, директор на УСАИД во Македонија.
УСАИД многу вложи и во македонското образование. Така, образовната програма “Заедно инвестираме во иднината на Македонија”, поддржана од американската агенција, е дел од реформите во образованието во нашата земја, проект којшто се состои од четири целини: проекти за креативна настава и учење, за образование на децата од ромската популација кој, се работи во соработка со Фондацијата “Сорос” и ГО “Сончогледи”. Третиот проект е “Е-школо” за информатичка технологија, кој се реализира со поддршка на НР Кина, од каде што пристигнаа 2.000 компјутери за македонските училишта, додека, пак, УСАИД ќе ги инсталира во компјутерските лаборатории во сите средни училишта.
Четвртиот е проектот за средно образование, со кој се предвидени виртуелни компании во училиштата со што средношколците ќе можат да го пронајдат својот пат во кариерата.
М.К.
|