Кампања на Црвениот крст на Град Скопје

Хуманитарна акција за подобрување на условите во домовите за стари лица


Во периодот од 19 ноември до 19 декември, годинава, Црвениот крст на Град Скопје, во соработка со Космофон, ја реализира големата хуманитарна акција „Сите сме нивни деца”, која ќе биде наменета за подобрување на условите во домовите за стари лица „Мајка Тереза” во Злокуќани, „Зафир Сајто” во Куманово, „Киро Крстевски-Платник” во Прилеп и „Сју Рајдер” во Битола. Оваа акција е продолжение на акцијата од 2005 година, за која заштитно лице беше трагично загинатиот Тоше Проески, а во која биле собрани околу 15.000 евра. Црвениот крст ќе отвори жиро-сметка, а Космофон специјален број за донација. Покрај можноста да донираат по 50 денари преку СМС или со повик на бројот 075-140-100, граѓаните можеа истата сума да ја дадат и ако купат вредносен купон или пополнет ваучер на произволна сума и ако го уплатат на специјалната жиро-сметка на Црвениот крст. Новина е тоа што годинава на штандовите на Црвениот крст се продаваа шолји со логото на кампањата по цена од 150 денари. На 1 декември се одржа и хуманитарен настан на Градскиот плоштад во Скопје. Во текот на акцијата се користеше песната и видеоспотот „Сите сме нивни деца” од 2005 година, во кој, покрај Тоше, учествуваа уште неколку познати музички ѕвезди.

“Жителите на домовите се луѓе на кои она што најмногу им недостасува е добар збор и мало внимание. Во изминатиов период имавме прилика да ги посетиме овие институции, да поразговараме со станарите за нивниот живот, да слушнеме што им е неопходно и како можеме да им помогнеме. Нема да верувате, она што им недостасува се толку мали нешта, што животот го прават да биде убав и искрен. Верувам дека ќе добиеме голема поддршка од граѓаните и сите заедно предновогодишните празници, односно деновите кога се подарува, ќе им ги посветиме на највозрасните” - вели секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска. Од Црвениот крст на Скопје велат дека кампањата му ја посветуваат на прерано загинатиот Тоше Проески, кој беше заштитно лице на истата, во 2005 година.

С.Н.