Промоција
“Ози Озон”
Сликовницата и цртаниот филм со наслов „Ози Озон - чувар на нашата планета” беа промовирани по повод 16 септември, Меѓународниот ден за заштита на озонската обвивка. Невладината организација ОХО на овој начин го продолжува спроведувањето на еколошко-едукативната програма „Немаме резервна планета”, наменета, пред с$, за предучилишните институции и основните училишта во Македонија. По сликовницата „Како да се спаси дрво”, „Ози Озон” е втората од предвидените пет сликовници. Сликовницата бесплатно ќе биде дистрибуирана низ детските градинки и училиштата во државата. Цртаниот филм е во траење од 9,30 минути, прилагоден е на возраста на децата за кои е наменет и ќе биде доставен до националните и до локалните телевизии, со цел да стане достапен до пошироката јавност. Целта на овие продукти е преку ликот на Ози Озон да се објасни озонската обвивка, нејзината функција, каде се наоѓа, од што е составена, од што е загрозена и, на крајот, кои се начините за нејзината заштита.
Во текот на деветгодишната континуирана работа на програмата „Немаме резервна планета”, ОХО започна со екоедукација на најмладата популација, изработи сетови со екоигри, го заокружи создавањето на прирачникот за екосекции и создаде мрежа од 20 екоучилишта низ Македонија. Следниот чекор, како што појасни Александра Младеновска, директор на Програмата, е ширење и спроведување на програмата во земјите од нашето соседство.
На промоцијата учествуваа Роман Дарбели, шеф на Швајцарската канцеларија за развој и соработка, која континуирано ја поддржува еколошката едукација во РМ, и Марин Кочов, менаџер на Одделот за заштита на озонската обвивка при Министерството за животна средина и просторно планирање.
Т.Д.
|