Промовиран Адресарот на општините во Република Македонија
Голем е јазот помеѓу Скопје, урбаните и руралните општини
Буџетите на општините и развојните проекти не водат до социјална кохезија и надминување на јазовите, посебно урбано-руралните, е еден од заклучоците од промоцијата на Адресарот на општините во Република Македонија
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), заедно со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), на 29 ноември оваа година во хотелот Холидеј ин во Скопје го промовираше новото издание на Адресарот на општините во Република Македонија.
Новиот адресар на општините нуди интересни информации за сите 84 општини и градот Скопје. На 246 страници, освен основните контакти, презентирани се и демографските податоци, структурната поставеност на општината и податоците за институциите што се под ингеренција на општината.
Издавањето на Адресарот го поздрави Зоран Коњановски, Министер за локална самоуправа, Андреј Петров, претседател на ЗЕЛС, и Сашо Клековски, извршен директор на МЦМС. Клековски презентираше и дел од информациите што ги опфаќа Адресарот. Според тие информации, големи се јазовите во развојот помеѓу Скопје и другите региони во Македонија, како и помеѓу урбаните и руралните подрачја. Сликата дополнително ја влошува отсуството на стратегија за локален развој, посебно во руралните подрачја. Ова отсуство само ги продлабочува јазовите. На основа на податоците што ги дале самите општини, главни приоритети за локален економски развој се земјоделството, малото стопанство и комуналната инфраструктура, додека главните стопански гранки се земјоделството, малото стопанство (трговија, текстил) и комуналната инфраструктура. Според Адресарот, главните еколошки приоритети се управувањето со цврстиот комунален отпад и одведувањето на фекалните отпадни води. „Буџетите на општините и развојните проекти не водат во социјална кохезија и надминување на јазовите, посебно урбано-руралните”, рече Клековски во својата презентација, а „високото ниво на развојни проекти, и покрај учеството на Владата, зависи од странска помош”, додаде тој.
Адресарот на општините на Република Македонија е испечатен на македонски, на албански и на англиски јазик и е достапен во печатена и во електронска верзија. Публикацијата чини 300 МКД (со бесплатно ЦД) и е достапна во МЦМС.
Г.Ј.
|