Фестивал на неограничениот мир
Кажи НЕ на чкрапалото
Со прикажување на документарецот „Мојот прв истрел” во Младинскиот културен центар во Скопје почна овогодишниот Пис анлимитет фестивал (Пеаце Унлимитед Фестивал), кој веќе седма година е во организација на невладината организација „Цивил”. Мотото на фестивалот, кој се одржуваше од 25 до 28 октомври, беше „Стави го прстот на гитарската жица, не на чкрапалото!” , е избрано како доказ дека музиката, сликарството, театарот и литературата се универзалниот јазик кој ги надминува насилството и оружјето.
„Уметноста, дружењето и забавата се алтернатива за смртта и уништувањето”, истакнуваат членовите на „Цивил”. Фестивалот на „Неограничениот мир” им понуди на скопјани можност да му кажат „не” на насилството преку концертот на Бени и групата „Нон-стоп”, преку проекција на филмовите „Мираж” и „Хрватска (к)рај на земјата”, а во акција за стопирање на насилството се вклучија и македонските бендови „Мутер фугер”, „Вајт нојс ин а вајт рум”, како и косовската група „Инбус”. Посебен ден беше одвоен за детската програма, а во рамките на детскиот фестивалски ден беше прикажана и претставата „Бен, бенг, мртов си”.
М.К.
|