Активност на ГО Новина

Семинар за компостирање отпадоци

Граѓанската организација Новина спроведе семинар за управување со отпадот и практична обука за компостирање отпадоци во Основното училиште „11 Октомври” во Скопје. На семинарот “Управување со цврстиот отпад”, во рамките на истоимената кампања, експерти од областа на животната средина одржаа предавања на темите: Нови тенденции во Законот за животна средина и во Законот за управување со отпад; Управување со цврсти отпадоци; Мерки за заштита од отпадоци; и, Компостирање на биоразградливите отпадоци.

Во рамките на обуката за компостирање во компостери изработени од членовите на Новина, лоцирани во дворот на училиштето, беше демонстрирана постапката за компостирање отпадоци од растително потекло. Компостерите, по завршувањето на семинарот, им беа подарени на училиштето со цел учениците во иднина да компостираат и да произведуваат хумус од отпадоци од растително потекло. Членовите на Новина на семинарот упатија и порака до сите граѓани да го искористат едукативниот материјал за компостирање и самите да иницираат вакви постапки со што ќе придонесат кон јакнење на свеста и еколошко едуцирање на поголем дел од населението. Во развиените земји, според податоците на Новина, компостирањето е веќе одомента постапка во домаќинствата. Проектот се реализира во соработка со Британската амбасада и Британскиот оддел за екологија.                                           

С. Н.