Во Македонија 15 отсто од населението поседува оружје

Славеничките истрели се најопасни

Жаклина Ѓорѓевиќ           

Во Македонија се регистрирани 165 илјади парчиња легално оружје, а уште 170 илјади дома се чуваат нелегално, зборуваат податоците за состојбата со оружјето во земјава. Црните проценки велат дека секој втор во земјава под перница чува пиштол, а секое трето семејство поседува некаков вид оружје. Според статистичките податоци, од мало оружје дневно умираат по илјада луѓе, а 50 секој ден се жртви на несреќи.

 Во светот има околу 640 милиони парчиња мало оружје, односно по едно парче на секои десет лица. Од нив 59 проценти се наоѓаат во рацете на цивилното население.

Иако државните институции спроведуваат акции за уништување на оружјето, невладините оценуваат дека напорите за контрола и справување со нелегалното оружје се особено тешки поради проодноста на границите и организираниот криминал. А како главна причина за поседување оружје кај граѓаните е желбата да се заштитат себеси и своето семејство, наместо тоа да го побараат од полицијата. Состојбата и бројките на нелегалното оружје не се сменети и оваа година, кога тради ционално, на 21 септември, ќе се одбележи Денот на мирот,  кој невладината организација „Цивил” ќе го прогласи за месец на мирот. 
 

Состојбата со оружјето загрижувачка 

Според податоците од Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП, во земјава 330 илјади лица, или 15 отсто од населението, имаат оружје. Од нив само 160 илјади легално го поседуваат. Ова е и бројката со којашто располага МВР, но тие велат дека бројката на поседуваното оружје е многу помала и се движи од 80 до 120 илјади парчиња. Според статистиката на МВР во 2005 година за недозволено држење оружје откриени се 355 кривични дела за коишто санкционирани се 395 лица, а одземени се околу 1.000 парчиња оружје, близу 28.000 парчиња муниција и 11 килограми експлозив. За првите три месеци од 2006 година откриени се 63 кривични дела за недозволено држење оружје и покренати се кривични пријави против 71 лице, при што се одземени 138 парчиња оружје и над 3.500 парчиња муниција.

Во МВР имаат податоци дека од заскитан куршум на јавни места во текот на 2005 година и првите пет месеци од оваа година три лица го изгубиле животот, а осум се повредени. Најголем број од инцидентите, вкупно шест, се случиле на семејни веселби, беше истакнато на промоцијата на заедничката кампања на УНДП и МВР „Дали си ти следниот - кажи не за оружјето”, која беше промовирана во јули, годинава. За време на оваа, последна акција, беа стопени околу 1.200 парчиња оружје, иако проценките се дека бројката на нелегалното оружје кај граѓаните е околу 100 пати повеќе од таа бројка. Полицијата минатата година на истиот датум, на 9 јули, организира две уништувања на запленетото и конфискувано оружје за коешто била завршена кривичната и прекршочната постапка. Вкупно беа уништени 5.313 парчиња оружје
 

Луѓето купуваат оружје за лична безбедност      

Ладнокрвните убиства коишто зачестија во земјава, како последното во скопската населба Влае и претходно во населбата Чаир, покажаа дека граѓаните с$ повеќе правдата ја земаат во свои раце, а с$ помалку се потпираат на полицијата за да ги решат проблемите. Најчеста причина поради којашто луѓето набавуваат и купуваат оружје е личната безбедност, потоа меѓуетничката недоверба, омразата, нетрпеливоста, недовербата во полицијата и во судските власти и сл.

Најпродавано оружје е пиштолот „застава”, чија цена е пристапна и се движи околу 100 евра. Цената на оружјето, според познавачите на состојбите, сега е двојно поголема поради состојбите со контролата на оружјето. Па така, „калашњиков” може да се набави по цена од 400 до 500 евра. Експертите велат дека во Македонија не е проблем да се набави оружје поради порозноста на границите. Оружјето на црниот пазар во Македонија доаѓа од Србија, од Бугарија и од Албанија или од Косово и тешко да се контролира.  

„Мотивот да се држи пиштол дома не е традиција, туку луѓето го набавуваат од безбедносни причини. Проблемот е уште поголем бидејќи кај нас оружјето стана дел од нашата култура. Инцидентите кај нас толку зачестија што ние како невладини не сме во состојба веќе да ги следиме, а камоли да реагираме на нив. Проблемот е во тоталната ерозија на вредностите”, вели претседателот на невладината организација „Цивил”, Џабир Дерала.

Според него, состојбата со поседување оружје во земјава е алармантна со оглед на податоците што ги добиле од една нивна анкета во средните училишта. Од вкупно 1.000 ученици вклучени во анкетата, 16 се селектирани за учество во работилница, а само едно дете од нив не било во контакт со оружје. Тој предупредува дека невладините организации се немоќни да се справат со оружјето во земјава, кое може да го купи буквално секој. Според него, досегашните акции за собирање на оружјето не се покажале како многу успешни, бидејќи се проценува дека се собрани најмногу до 10 илјади парчиња оружје, што не е ниту десетина од бројките што се вртат во јавноста.

„Која било причина да се спомене, ниту една не ќе може да се мери со опасноста од славеничките истрели. Куршумите што се испукани нагоре во воздухот мора да се вратат назад на земјата. Таквите куршуми се способни да убијат некого”, нагласи претставникот на Програмата за безбедни заедници при УНДП, Алан Лапон, на промоцијата на кампањата на УНДП и МВР за предупредување на ризикот од оружје. Тој додава дека 75 проценти од сите случаи на нелегално поседувано оружје се процесуираат низ системот. 
 

Само 1,9 отсто од граѓаните се чувствуваат безбедни    

Само 1,9 отсто од граѓаните се чувствуваат безбедно во кој и да е дел од земјава, а 64,9 отсто секогаш и цело време се чувствуваат безбедни во својата заедница, покажа последниот извештај за рано предупредување на УНДП. Една третина од граѓаните сметаат дека поседувањето оружје ја зголемува безбедноста на семејството. Во полошкиот регион процентот на граѓани кои сметаат така е 53,9 отсто, а во кумановскиот 49,5 отсто. Според анкетата, 5,7 отсто од граѓаните биле жртви на криминал или на насилство. Најзагрозена категорија граѓани во последните шест месеци се интелектуалците, професорите, новинарите и публицистите (11,1%); работниците (8,5%); студентите (8,3%); бизнисмените (7,3%); и земјоделците и домаќинките (6,3 % односно 6,0%). Сите други категории се под нивото на просечното загрозување.

Најнебезбедни региони според извештајот се кумановскиот и повардарскиот регион, каде околу 7,5 отсто од граѓаните не се чувствуваат безбедно. По нив следуваат полошкиот и скопскиот регион, каде над 6 отсто од граѓаните се плашат за својот живот. Во земјава мажите се чувствуваат позагрозени од жените, 7,4 отсто наспроти 4,2 отсто, иако опаѓа нападот врз личноста и имотот на граѓаните. Според резултатите од испитувањето на УНДП, руралното население е нешто позагрозено од урбаното, 9,3 отсто наспроти 8,4 отсто, а Албанците се почесто исправени пред закана од Македонците (14,8% наспроти 6,7%). Една третина од граѓаните сметаат дека поседувањето оружје ја зголемува безбедноста на семејството. Во полошкиот регион процентот на граѓани кои го преферираат тој став е 53,9%, а во кумановскиот 49,5%. Во другите региони тој процент е под општиот просек.

Професорот Ферид Мухиќ, кој работеше на делот за безбедноста во последниот извештај на УНДП за рано предупредување, оценува дека постои повисок степен на безбедносно загрозување на личноста на граѓаните и на нивните семејства, која иако е подалеку од критичната, кризна точка, сепак не е предалеку од неа. Мухиќ нагласува дека граѓаните сметаат дека државата е незаинтересирана за нив и за нивните проблеми, односно дека е неефикасна во сузбивањето на факторите на загрозување на граѓаните и селективна во гонењето на криминалот.
 

Како да се реши проблемот со оружјето

Од МВР уверуваат дека постојано преземаат акции за откривање на нелегалното оружје. Поригорозни санкции очекуваат со новиот закон за оружје, со кој е предвидена затворска казна од една до 10 години.

Податоците на УНДП се смирувачки. Нивното истражување на оружјето од лани говори дека опаѓа користењето на оружјето за лична заштита. Така, на прашањето дали би зеле оружје, само 20 отсто од граѓаните одговориле потврдно, а 65 отсто од испитаниците рекле дека никогаш нема да земат оружје. Во 2005 година, споредено со 2003, вкупно 35 отсто од анкетираните се изјасниле дека носат оружје за лична заштита. Според податоците од УНДП, над 60 проценти од населението гледа оружје на свадби и други веселби, иако граѓаните знаат дека употребата на огнено оружје е опасно.

„Со доследна примена на законот за оружје во 2007 година, ревизија на нелегалното оружје и акција за негово уништување, со примена на судските реформи и со реформите во полицијата, како и со контрола на оружјето на агенциите за обезбедување, може да се очекува сериозен пад на побарувачката на оружје”, вели Дерала. За време на Меѓународната акциска недела против малото оружје, која се организира во мај годинава, а се одржа и како одговор на трагичниот инцидент во Чаир, кога тројца млади го загубија животот во вооружена престрелка, тој изјави: „Мораме да го ставиме под контрола оружјето, а со оглед на тоа што сите сме одговорни за она што се случува, мора да соработуваме со надлежните институции, бидејќи тоа е предуслов за сигурност и безбедност”, рече Дерала.

 „Проговори навреме, бидејќи жртвите не можат да повикаат помош!”, и „Ни треба повеќе простор за игра”, беа пораките од кампањата против малото оружје, кои невладината ги испрати пеку флаери. „Цивил” ја спроведе кампањата во 15 града и рурални области, а ја организира во соработка со Меѓународната акциска мрежа за мало оружје и УНДП. Поддршка за кампањата  имаше и од градоначалникот на Скопје и на општината Чаир, Трифун Костовски и Изет Меџити, Здружението на занаетчиите „Еснаф”, од центрите за поддршка на невладиниот сектор во десет града, како и од невладината организација „Разбуди се”.